Притисни Enter за пребарување или Esc за исклучување
Blog thumbnail

Најдобрите ресторани во Ситонија

Најдобрите ресторани во Ситонија

Blog thumbnail

Она што би го издвоиле под “must” во мениата на Ситонија ќе го видите во следниот текст.

Сарти

Во Сарти би го одвоиле ресторанот “Orestis”. Ресторанот се наоѓа на улица која се спушта по автопатот кон центарот точно покрај големиот супер маркет. Ресторанот е малечок и неупадлив, со убаво уредена градина, малечко детско катче и паркинг за гостите. Мал ресторан, но секогаш полн со гости, најчесто со локалните жители, а тоа доволно ви говори за ресторанот.

Главен кувар е сопственикот на ресторанот, а жената што ќе ве услужи е сопругата на главниот кувар, Александра.

Она што ви препорачуваме да го пробате во овој ресторан е предјадењето, затоа што како и секаде во Грција, скарата е секаде одлична ( како и во овој ресторан), а предјадењето тука е толку вкусно и обилно што сигурно би ви било доволно за вечера.Кое и предјадење да го нарачате, верувајте нема да погрешите.

Доколку сте љубител на кашкавалот, овде ќе бидете воодушевени од вкусот на “саханаки” кашкавал (испржен кашкавал), потоа “касерокрокетес” (топли домашни крокети од кашкавал), но и  “бујурди” (фета сирење со зеленчук и маслиново масло потпечено во земјен сад). Грчката салата секогаш е добра и е со свеж зеленчук. Доколку сакате морски плодови, тогаш мора да се проба “октопод красато” ( октопод подготвен во вино кој е многу мек, сочен и вкусен). Школките во сос (“мидиа саханаки”) се исто така одлично спремени. Суфлаки ражничот како и секогаш е одличен, но ако сакате да пробате нешто од традиционалната грчка кујна, тогаш нарачајте го специјалитетот под име “stifado”, телешко месо со лук, . Исто така побарајте и потпечено лепче со оригано и маслиново масло.Цените во оваа таверна се пристојни и сметката нема да ве изненади непријатно :).

Таверна “Ta Vrahakia”  се наоѓа на крајот од плажата  и се издвојува од сите останати по својата позиција .Од летната бавча на таверната имате прекрасен поглед на Света Гора. Самиот ресторан има пристојни цени и добра услуга. Квалитетот на храната исто така е одличен. Овде ви препорачуваме да ја пробате свежата риба која ја спремаат и приготвуваат пред вас. Наша омилена риба е бранцин или лавраки на грчки. Доколку сте расположени за романтична вечера со поглед на море тогаш Ta Vrahakia е одличен избор.

Доколку сте љубител на пицата, тогаш посетете го ресторанот Piazza Venetia на плоштадот во Сарти. Освен пица, овде може да нарачате и одлични канелони ( тестенини) со мелено месо.

И секако, пробајте и од прочуениот италијански сладолед кој исто така може да се најде на самиот плоштад во Сарти и кој ќе стане највкусниот сладолед што сте го пробале 

Прочуениот ресторан Maistrali се наоѓа покрај автопатот во Сарти чија летна бавча ви овозможува убав поглед на морето и градот. Цените се малку повисоки од тие во просечните ресторани во градот, но услугата е на професионално ниво, порциите се обилни, вкусни и убаво декорирани, па затоа вреди да се посети овој ресторан.

Доколку сакате да имате пријатен престој заедно со вашето семејство или вашиот партнер тогаш посетете го ресторанот “Sikia” и ресторанот “5 steps оn the sand” , но само во вечерните часови или на зајдисонце,  кога морето ќе добие розева нијанса .Ресторанот е до морето и е на неколку спрата. Погледот на Света Гора во комбинација со морето дава незаборавно чувство на спокој. Во овој ресторан ќе уживате во  вечерните часови со многу вкусна морска храна и со специјалитетите од месо.

Порто Куфо

Сепак по нас убедливо најдобар ресторан кога се работи за југот на Ситонија е ресторанот Tzitzikas во местот Porto Koufo. Во овој ресторан ќе најдете најголем избор на специјалитети од риба и морски плодови, а исто така и специјалитетите од месо се подеднакво вкусни. Ресторанот се наоѓа во самиот центар. Во текот на летната сезона ќе мора да чекате да се ослободи некое место за да може да седнете. Услугата е секогаш на завидно ниво, а работата секогаш е следена од сопствениците на ресторанот кои целата работа ја држат под конторола.Не веруваме дека некој излегол незадоволен од овој ресторан, па затоа топло ви препорачуваме да го посетите.

Рестораните во Porto Koufo се надалеку познати по рибните и морски специјалитети и  во ова место не може да погрешите со изборот на ресторан, без разлика кој и да се одлучите да го посетите.

Сепак наша препорака е ресторан Tzitzikas, па потоа Bukadura што се наоѓа покрај автопатот каде што покрај свежа риба каде што би можеле да ги пробате и школките во сос “midia Sahanaki”.

Неос Мармарас

Рестораните во Неос Мармарас не не воодушевија, а важат и за поскапи од останатите места во Ситонија. Но ако сакате модерна атмосфера, со малку повисоки цени, тогаш мора да го посетите познатиот Okyalos кој се наоѓа во самиот центар на Неос Мармарас. Се работи за одличен ресторан со одлично приготвена риба, но како и што спомнавме со повисока цена.

Доколку сакате мирни места за вечера со вашата фамилија или со својот партнер тогаш посетете го ресторанот Petros. Ресторанот Petros се наоѓа во мирниот дел на Неос Мармарас, а и е во близина на центарот (кога доаѓатe во центарот на Неос Мармарас од правец на стадионот се движите по улица која води покрај самото море до центарот и после 150 метри од плажите од лева страна се наоѓа ресторанot Petros).Прекрасна атмосфера, мир, тишина и вкусна храна, фантастичен поглед на море, особено на зајдисонце. Покрај ресторанот има доволно место за паркинг. Тука ви препорачуваме да ја пробате салатата Petros и свежата риба. Како што напоменавме во горниот дел на текстот, цените во овој ресторан се малку повисоки од останатите ресторани во Ситонија.

Во Неос Мармарас може да ги пробате и највкусните палачинки во Ситонија,  во палачинкарницата “Bro” која се наоѓа на главната улица.

Можеби и највкусното гиро во Ситонија може да го пробате  во Неос Мармарас,поточно во Alcano, кој се наоѓа на главната улица и не може да не го забележите ако се шетате низ Мармарас, а може да го препознаете и по големата гужва. Гирото навистина е превкусно. Ние го имаме пробано три пати и три пати чекавме по половина час.

Во близина на Неос Мармарас се наоѓа уште еден ресторан кој е надалеку познат. Ние не бевме задоволни од големината на порцијата, но храната е превкусна. Повторно би го посетиле ресторанот поради тоа што е на добра местоположба и поради прекрасниот амбиент и секако поради вкусната храна.Станува збор за ресторанот “O Panos”. Ресторанот се наоѓа во областа Агиа Кириаки. До него се доаѓа само ако возите од Неос Мармарас кон Торони на околу 7 км, а потоа ќе видите патоказ за хотелот Saint George или Areti кампот. Тука вртите и возите се до самото крајбрежје, па потоа вртите лево и на 3 км возење покрај крајбрежјето, ќе стигнете до ресторанот O Panos.

Покрај овој ресторан исто така се наоѓа и прочуениот бар Las Bandidas. Ресторанот има голема летна тераса која што претежно е во сенка. Најубаво е да го посетите овој ресторан за време на зајдисонцето.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *