Притисни Enter за пребарување или Esc за исклучување

Еднодневна еко-екскурзија
(20.10.2019)

  • Автобуски превоз до наведената релација
  • Пауза за домашно приготвено кафе
  • Посета на Пресвета Богородица во градот Струмица
  • Посета на Смоларски и Колешински водопади
  • Ручек во ресторан Џои (ќебапи, салата и прилог леб)

Цена за резервации до 15.10.19 - 990 денари
Редовна цена - 1300 денари

ОПИС

Најинтересната туристичка дестинација во Струмичко се двата водопади – Смоларскиот и Kолешинскиот. Пленат со својата живописност и даваат чувство на длабока поврзаност со природата. На екскурзијата кога ја организираме, имаме прилика да ги видиме и двата водопади и да им се восхитуваме заедно на тие убавини кои ни ги подарила мајката природа. Освен водопадите, се посетува и иконата на Богородица во Струмица која е наречена брзопомошница, зашто таа на монахот на кој му го вратила видот во Светогорскиот манастир му порачала дека нејзиниот образ ќе се вика брзопомошница, велејќи дека секој што ќе и се обраќа и ќе ја повика, бргу ќе го послуша и нема да задоцни со нејзиниот одговор односно исцеление. Иконата висока 180 сантиметри со позлатена рамка стои на специјална подлога во манастирот „Св.15 тивериополски свештено-маченици“.

Смоларски Водопад

Вгнезден длабоко во северните падини на планината Беласица, скриен помеѓу столетните букови дрвја над селото Смоларе, тече Смоларскиот водопад, на надморска височина од 600 м. Тој претставува ретка природна убавина, која долг период беше сокриена од љубителите на природата, поради својата непристапност. Додека да стигнете до него, ќе уживате во зачуваната македонска традиција во околните села низ кои се минува по патот. Планинската патека преку 300 скалила ве води до чудото на природата, а на целта ве очекува досега невидена убавина, што ќе ви го одземе здивот. Вкупната височина на вертикалниот отсек на Смоларскиот водопад изнесува 39,5 метри, што го прави највисок водопад во Република Македонија. Водопадот е тектонски предиспониран со раседна структура, која лежи попречно на правецот на течењето на водата на Смоларска Река. На дното од водопадот е формиран џиновски лонец, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува 5 метри, широчината му е 11 метри, а длабочината се движи од 0,5 до 0,7 метри. До село Смоларе се стигнува преку Струмица и Ново Село, од кое е оддалечено 8 км. Поминувајќи низ селото останува околу 1 км од асфалтниот пат до самиот водопад, а бидејќи патот е тесен и кривулест се препорачува да ја намалите брзината. Постои голема веројатност честопати да треба да се разминувате со трактор или запрежно возило. Кон водопадот ќе минете и покрај мал пазар, каде што локалните жители ќе ви понудат јаболка, краставици пиперки, мед, слатко од смокви и други вкусни плодови. Ќе најдете и рачно изработени сувенири. Кањонот е совршен и за авантуристичкиот кањонски спорт. Предизвикот за љубителите на овој спорт е да се спуштат по должината на водопадот, со помош на алпинистичка опрема.

Колешински Водопад

Во селото Колешино, природата ве очекува со едно пријатно изненадување, со особена свежина за окото и душата. Тоа е сместено во подножјето на планината Беласица, а е познато по колешинскиот бостан, кикириките и земјоделските производи кои успешно виреат во овој крај. Но најубав украс тука се прекрасните сплавови, кои ги создава реката Баба, спуштајќи се од највисоките планински врвови. Колешинскиот Водопад е лоциран во долниот тек на реката Баба на надморска височина од 500 м. Со височина од 15 м, се вбројува во највисоките водопади во Македонија, со широчина на падот од околу 6 м. Тој е тектонски водопад, создаден во гранитни камења. Над Колешинскиот водопад, на оддалеченост од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од два до четири метри, кои припаѓаат на неговиот централен слив. Колешинскиот водопад е тектонски, настанат меѓу гранитни камења. Откако ќе го поминете центарот на Колешино, движејќи се по планинскиот пат долг околу 1 км, се стигнува до една многу интересна патека обвиткана од околната шума. Ако се најдете во овој крај во летниот период од годината, единствено нешто што ќе слушнете се милозвучните шумолења на свежиот планински воздух, кој ќе ве опушти и освежи, после лепливата жештина во долините. Додека се шетате по патеката ќе ве дружи мал поток, а потоа се пресекува со друг мал дрвен мост. Доколку се загледате во бистрата вода кај малиот мост, можеби ќе видите речни ракови, како пливаат под површината. Зад свиокот, ќе ја чуете бучната свежина, а пред очите ќе здогледате како многубројните потоци се обединуваат во една целина, која продолжува да тече по планината. Околината на селата Колешино, Банско и Габрово е единствено место во Македонија, а можеби и на Балканот каде што расте специфичен вид папрат, осмунда регалис, кој се користи во текстилната индустрија. Тој може да порасне во висина до 2 метри, а се простира на површина од околу 500 метри квадратни. Се нарекува уште и кралски папрат, а потекнува од Северна Америка.